Израелската војска соопшти дека денеска во Либан извршила нови напади врз цели кои му припаѓаат на Хезболах, поддржан од Иран, и покрај тоа што примирјето формално останува во сила.
Израел соопшти дека погодил инфраструктура поврзана со групата во јужен Либан, како и во долината Бека на исток, област која Израел не ја гаѓаше откако примирјето стапи во сила.
Либански безбедносни извори наведоа дека израелските сили погодиле локации кои се сметаат за упоришта на Хезболах, при што се пријавени тешки воздушни напади на неколку локации во јужен Либан. Засега нема извештаи за жртви, пренесе ДПА.
Израелските медиуми јавија дека премиерот Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Израел Кац и високи безбедносни функционери се состанале претходно за да разговараат за наводните прекршувања на примирјето од страна на Хезболах.
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот најави тринеделно продолжување на примирјето меѓу Израел и Либан за да се добие време за дипломатија. Сепак, Нетанјаху неодамна и наложи на војската да ги интензивира нападите врз целите на Хезболах.
Според условите, Израел може да дејствува против непосредни или тековни закани, но се очекува да избегнува пошироки офанзивни операции во Либан.
Хезболах не беше директно вклучен во преговорите за примирје со посредство на САД, а либанската влада нема директна контрола врз групата, иако соопшти дека ќе го почитува примирјето доколку Израел ги прекине своите напади.
Израел, исто така, пријави напад со дрон на Хезболах врз својот северен регион претходно денеска, што ги активираше сирените за воздушен напад.
Лидерот на Хезболах, Наим Касем, претходно изјави дека групата нема да влезе во директни преговори со Израел и ќе продолжи со она што го опиша како „одбранбен отпор“.
Либанското Министерство за здравство вчера соопшти дека во израелските напади на југот загинале 14 лица, меѓу кои две деца, а 37 други биле ранети.








