14 лица загинаа во авионска несреќа во Јужен Судан

Мал патнички авион се урна во Јужен Судан, при што загинаа сите 14 лица кои беа во него, пренесе ДПА.

Леталото било на пат од градот Јеи кон главниот град Џуба, оддалечен околу 130 километри, соопшти денеска управата за воздухопловство на оваа источноафриканска земја. Радио-контактот бил изгубен набрзо по полетувањето.

Според управата, прелиминарните извештаи укажуваат на лошото време и слабата видливост како причина за несреќата.


Се известува дека жртвите се 12 државјани на Јужен Судан и двајца кениски државјани. Авионот, модел Cessna 208 Caravan, бил управуван од CityLink Aviation. Авиокомпанијата првично не била достапна за коментар.

Стандардите за безбедност на воздушниот сообраќај во Јужен Судан често се критикувани, а лошата инфраструктура и тешките временски услови се голем предизвик за домашниот воздушен сообраќај.