Автопатот Кичево – Охрид веќе е при крај

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски говорејќи за проектите на Коридор 8 изјави дека во моментов во процедура е изборот на изведувач заедно со ЕБОР на потегот од Букојчани до Кичево и додаде дека Кичево – Охрид е веќе при крај.

-Тоа е оној заборавен проект од кој сите се имаа откажано и ние како Влада кога бевме избрани решивме да го завршиме. Веќе 37 км се завршени од кои 34 км се во функција, а очекуваме до крај на годината целиот да биде завршен. Она што останува е спојот на потегот од Струга до ГП Ќафасан. Тука имаме одредени предизвиици поврзани со УНЕСКО. Ќе разговараме со нив, не дали ќе има автопат, туку по која траса ќе оди решението и очекувам во јуни да имаме договори. ГП Ќафасан веќе го реконструиравме и во втора фаза ќе работиме на проширување – истакна Николоски.

Тој посочи дека тие се првата Влада која се посветила на инфраструктурата, таа им е приоритет број еден и додаде дека работат многу интензивно.

-Веќе го реконструиравме граничниот премин Деве Баир, сега ќе работиме на проширување. Ја пуштиме во функција обиколницата на Крива Паланка, го пуштивме експресниот пат од Крива Паланка до Страцин, она што останува сега е Страцин – Романовце. Планираме веќе следната година да почнеме да го работиме со поддршка на ЕУ во рамки на Планот за раст. Од Куманово преку обиколница Скопје до Тетово има автопат, од Тетово до Гостивар го градиме автопатот. Го почнавме ние како Влада да го градиме, без разлика што договорот беше потпишан претходно, од Гостивар до Букојчани преку популарната Стража, исто така, градиме автопат, ние го започнавме и овој автопат, иако претходно беше потпишан договорот – истакна Николоски.

Во однос на железницата, тој рече дека и во овој дел се работи на крупни проекти за поврзување со Бугарија.


-Во делот на железницата од Скопје до Куманово постои железничко поврзување. Кога беше избрана оваа Влада се зафати со поврзувањето со Бугарија. Минатиот јануари ја ставивме во функција пругата од Куманово до Бељаковце, сега работиме на потегот од Бељаковце до Крива Паланка и она што сум особено горд е тоа што минатата недела излезе тендерот за надзор за третата најтешката делница од 24 км, а очекуваме следната недела/две да излезе и тендерот за изградба како би имале целосно железничко повзување со Бугарија. Тука заеднички ќе го градиме тунелот и Скопје и Софија да се спојат после многу децении, нагласи Николоски.

Во делот на западната страна министерот за транспорт најави реконструкција на пругата од Скопје до Кичево.

-Работиме обиколница на Скопје со цел карго возовите да не влегуваат во Скопје за да не загадуваат. Паралелно го градиме и проектот Градски воз, а работиме и на железничката линија од Скопје, преку Јегуновце Тетово Гостивар до Кичево. Таму работиме со ЕУ на подготвителни работи и следните две години да објавиме тендер за изградба на железница од Скопје до Кичево, тоа би била првата фаза, а втотата фаза ќе зависи дали Албанија ќе се нафати дали на исти начин ќе инвестира како и ние, имајќи превид дека целата пруга би чинела две милијарди евра, споредено со целокупните инвестиции во државата на годинашно ниво кое се 750 милиони евра. Се работи за мега проект, заедно со брзата пруга на Коридор 10, се работи за потенцијална инвестиција од пет милијарди евра. Сега се работи на проект за околу две милијарди евра – истакна вицепремиерот.

Николоски додаде и дека добро одат работите околу изградбата на автопатот Прилеп-Битола, а рокот за завршување е 2029 година.

-Работата оди повеќе од добро. Имаме само една опструкција, се работи за десетина викендици на диво изградени хациенди со базени во околината на Прилеп, во месноста Ореовец. Таму има неколку лица кои си ги штитат своите хациенди и не дозволуваат на изведувачот да пристапи кон наоѓалиштето, додека на приватнен изведувач кој има каменолом во соседството нему му дозволуваат. Значи камионите на приватниот изведувач не прават потреси, бучава и загадување, а камионите за кои работат за државата предизвикуваат. Само да знае јавноста, штетата по однос на ова достигнува до 100 милиони евра, затоа што сега сме приморани да купуваме материјал од приватни каменоломи и да плаќаме за транспорот. И ако на пример овие пари ги вложиме во проекти за Могила, Новаци Прилеп, Битола, Кривогаштани и Крушево, ќе се трансформира целиот регион, а сега треба да ги даваме по приватни џебови. Очекувам во најбрзо време да се отстрани таа блокада и да почнеме да работиме – истакнат Николоски.