Договор за обновување на стратешкото партнерство за соработка во одбраната и безбедноста меѓу Грција и Франција, како и уште осум други договори со кои се зајакнува и проширува соработката меѓу двете земји, беа потпишани по средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и францускиот претседател Емануел Макрон, јави дописничката на МИА од Атина.
Првиот одбранбен договор меѓу двете земјибеше потпишан во 2021 година во Париз, а денеска во Атина беше обновен за уште пет години, по што автоматски ќе се обновува.
Претставниците на двете влади, потпишаа договор за зајакнато сеопфатно стратешко партнерство; патоказ за зајакнување на соработката меѓу Министерствата за надворешни работи; заедничка изјава за зајакнување на соработката меѓу Министерствата за образование; акциски план за зајакнување на соработката во високото образование и научноистражувачката дејност за периодот 2026 – 2030 година; заедничка изјава за воспоставување соработка во нуклеарната технологија; договор за основање меѓувладина организација за развој и експлоатација на дигитални океански системи и информатички услуги; декларација за намера за соработка во истражување и развој во областа на одбраната и иновациите во одбранбените и воените технологии и системи, како и рамковен договор за понатамошна поддршка на ракетите MICA IR/RF.
Мицотакис и Макрон на заедничката прес-конференција се осврнаа на одличните односи меѓу двете земји и на важноста на договорите што двете земји ги потпишаа во Атина.
Францускиот претседател посочи дека „сојузништвото меѓу двете земји што денеска дополнително се зајакнува, може само да ја зајакне Европа“.
– Сакаме посилна, постабилна и поконкурентна Европа. Знаеме дека нашата стратешка соработка се темели токму на забрзувањето на оваа политика, во областа на одбраната, економијата, конкурентноста и зајакнувањето на нашите економии, посочи Макрон.
Грчкиот премиер му се заблагодари што вчера „на толку јасен начин повтори дека, ако некогаш, Грција има потреба од поддршката на Франција, Франција ќе биде присутна“ и додаде дека затоа денеска направија „уште еден значаен следен чекор“.
– Декларацијата за зајакнато сеопфатно стратешко партнерство меѓу Грција и Франција, која имавме можност да ја потпишеме пред малку, го отсликува опсегот на нашата соработка, нагласи Мицотакис.
Пред средбата во Премиерската палата и потпишувањето на договорите, грчкиот премиер и францускиот претседател заедно ја посетија грчката фрегата Кимон произведена во Франција, додека пак попладнево ќе присуствуваат на грчко-германски бизнис форум.








