Божиновска од Виена: Македонија се позиционира како регионален играч

Во рамки на официјалната посета на Австрија, владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во чиј состав е и министерката Сања Божиновска, оствари средба со канцеларот на Австрија, Кристијан Штокер.

Фокусот на разговорите беше ставен на економијата, енергетската сигурност и регионалната стабилност, при што беше потенцирана поддршката за европската интеграција на Македонија и важноста од зајакнување на енергетската поврзаност.

Во рамки на политичкиот состанок, на кој присуствуваа и претставници на австриската влада, се отворија теми поврзани со зелената транзиција, одржливите политики и новите енергетски модели.


Министерката Божиновска порача:

„Енергетиката денес е прашање на стабилност, безбедност и геополитичка позиција. Македонија има јасна амбиција да се позиционира како регионален енергетски јазол, преку интерконективност, диверзификација и силен инвестициски циклус во обновливи извори. Нашата порака е јасна – ние сме партнер што нуди предвидливост, стабилност и конкретни можности за инвестиции.“

Во продолжение на посетата, делегацијата одржа и економски состанок со претставници на водечки австриски компании, при што беа разгледани конкретни можности за инвестиции, технолошки трансфер и продлабочување на економската соработка.

Средбите испратија јасна порака дека економската соработка меѓу двете земји има силен потенцијал за раст, со конкретен интерес за нови инвестиции и долгорочно партнерство.