Пакистанскиот министер за информирање Атаулах Тарар изјави дека „сè уште се чека“ официјалниот одговор на Иран за тоа дали ќе учествува во следната рунда разговори со САД во Исламабад.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи за Би-би-си (BBC) изјави дека сè уште не е донесена одлука за испраќање на ирански претставници во Исламабад на нов круг преговори со САД.
Тој изрази загриженост поради американската поморска блокада на иранските пристаништа, запленувањето на ирански брод и заканата на американскиот претседател за уништување на иранската инфраструктура.
– Влеговме во овие преговори со добра волја и со сериозни намери, но другата страна покажува недостаток на сериозност и добра волја … тие често ги менуваат позициите, овие пресврти и закани за воени злосторства, наведе Багаи.
Тој не откри кои се условите на Иран за да се врати на преговарачката маса.
Багаи потенцира дека во тек се разговори за да се создадат услови за продолжување на преговорите пред истекот на договорот за прекин на огнот.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп за Си-ен-би-си (CNBC) изјави дека Иран „нема избор освен да испрати“ претставници во Пакистан на разговори со САД.
Трамп, одговарајќи на прашање дали ќе го продолжи примирјето ако биде постигнат договор во преговорите, истакна: „Не сакам да го направам тоа“.
– Очекувам дека ќе бомбардираме бидејќи тоа би бил подобар пристап, истакна Трамп.
Тој додаде дека американската армија го искористила примирјето за да ја надополни опремата и оти е подготвена да ги продолжи нападите врз Иран.
– Вооружени сме до заби. Имаме толку многу муниција, толку многу од сè … Подготвени сме. Армијата е нетрпелива да започне, наведе Трамп. (МИА)








