Стојаноски: Бараме предвидлив пат кон ЕУ кој нема да се заснова на билатерални прашања

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна на темата за новата влада во Бугарија и што тоа би значело за Македонија. Според него, во духот на добрососедските односи и во духот на Европа, една држава не треба да ја ветоизира соседната, затоа што кога би се исклучила политиката, би значело корист за двете страни, а како позитивен пример го посочи коридорот 8. Стојаноски кажа дека се цели кон предвидлив пат кон ЕУ за Македонија, а не да се сведува на билатерални спорови.

„Ова прашање мислам дека треба да го гледаме од повеќе агли. Првиот агол е одреден стремеж којшто го имаме ние, дека навистина ќе имаме еден квалитетен соговорник, сега веќе кога има полна политичка компресија и дека ќе можеме да седнеме и да развиеме дијалог, во којшто ќе најдеме решение на очигледниот проблем којшто го имаме.Нашиот став е тука јасен“, рече Стојаноски.

Според него, Бугарија како земја членка на ЕУ, која би имала еднопартиска власт, не треба да ја ветоизира соседната држава во духот на Европа или во духот на добрососедските односи.

„Сакаме да бидеме реални, а тоа значи дека Македонија треба да биде исто така рационална, мирна, но внимателна и цврста во своите ставови, бидејќи навистина ова за нас е прашање кое што не треба да трпи одредни попуштања“, вели Стојаноски.


Тој даде и позитивен пример, откако би се исклучила политиката во разговорите меѓу двете држави.

„Светол пример е и договорот за коридорот 8, за тунелот во третата фаза за пругата кон Бугарија. Седнаа министрите за транспорт на двете држави и се договорија, најдовме и заедничко финансирање, и тој проблем по 35 години ќе биде решен. Сметам дека и во таков дух можеме да разговориме и да ги отвориме прашањата. Ние треба да си останеме на нашите ставови и аргументирано да ги браниме“.

Стојаноски потенцираше дека се цели кон предвидлив пат кон ЕУ, без билатерални прашања во него, од аспект да се знае, како што вели тој, дека не би имало повеќе отстапки.

„Националниот консензус којшто е евидентно дека не постои, бидејки опозицијата по она што го слушнав вчера, се уште не ја научила лекцијата, и некои одредени ставови кои што по изборите можеби беа потврди, се доплнително омекнати, и кои што не само што не бараат никакви гаранции, туку дополнително уставните измени ги искачуваат на ниво на, ‘да се прифати’, па понатака ќе видиме, што за нас сметаме дека е неприфатливо, бидејќи оваа држава 35 години има негативно искуство со ваков начин на прифаќање на ставови и она кое што е наша позиција, која што сметам дека треба да биде национален консезнус е ние да седнеме и да се договориме и конечно да добиеме гаранција дека нема повеќе жртви можеби на дневнополитички потреби или на билатерални спорови“, посочи Стојаноски.