Унгарскиот закон „кој ги стигматизира и маргинализира ЛГБТИ+ лицата“ е во спротивност со фундаменталните слободи и основачките вредности на Европската Унија, пресуди Европскиот суд на правдата (ЕСП).
Денешната одлука се однесува на реформата од 2021 година која го ограничува пристапот до содржини што прикажуваат промена на полот или хомосексуалност за малолетници, под изговор за борба против педофилијата. Европската комисија поведе случај против Унгарија пред ЕСП.
Највисокиот суд на ЕУ за првпат пресуди дека закон во земја членка на ЕУ ги прекршува основачките вредности на блокот.
Иако членките имаат одреден степен на дискреција кога станува збор за заштита на малолетниците од несоодветна содржина, тоа мора да биде во согласност со забраната за дискриминација врз основа на родовиот идентитет и сексуалната ориентација, што е втемелено во Повелбата за фундаменталните права на ЕУ, соопшти судот.
Унгарскиот закон, сепак, се заснова на претпоставката дека секое прикажување на лезбејските, геј, бисексуалните, трансродовите, интерсексуалните и другите (ЛГБТИ+) родови идентитети е штетно за малолетниците, наведува судот.
„Унгарското законодавство за кое станува збор ги стигматизира и маргинализира не-цисродните лица – вклучително и трансродовите лица – или не-хетеросексуалните лица како штетни за физичкиот, менталниот и моралниот развој на малолетниците единствено врз основа на нивниот родов идентитет или сексуална ориентација“, соопшти судот.
Дополнително, ЕСП наведе дека законот ја прекршува регулативата на унијата за заштита на податоци, како и законодавството за пристап до услуги во ЕУ.
Унгарија сега е повикана да го усогласи своето законодавство со правото на ЕУ, а доколку не го стори тоа, на крајот би можело да резултира со парични казни за Будимпешта.
Фото: ЕСП








