Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како ко-претседавач со Регионалниот форум за одржлив развој на UNECE во Женева, денеска ја отвори пленарната сесија и ја потенцира потребата од забрзување на имплементацијата на Агендата 2030 во услови на сè покомплексни глобални предизвици.
Муцуснки на Фејсбук објави дека нагласил оти дека со помалку од пет години до 2030 година, клучно е да се делува побрзо, попаметно и заедно, со конкретни и координирани активности што ќе дадат резултати.
– Посочив дека фрагментацијата го ограничува напредокот и дека постигнувањето на Целите за одржлив развој бара силна координација меѓу институциите, секторите и државите, како и интегриран пристап што ги поврзува дипломатијата, развојот и економската политика. Ја потврдив нашата посветеност кон Агендата 2030, преку политики насочени кон зелена трансформација, дигитален развој, зајакнување на институциите и унапредување на регионалната и мултилатералната соработка, напиша Муцунски.
Форумот во Женева обедини високи претставници од државите членки, Обединетите нации, меѓународните организации, граѓанскиот и приватниот сектор.







