Албанија e „шампион“ во регионот по зголемување на цените според куповната моќ

Во последните 10 години, Албанија се приближи кон ЕУ со високи цени, побрзо од која било земја во регионот на Западен Балкан.

-Според податоците на Евростат, во 2015 година нивото на цените според куповната моќ било 48 отсто од просекот на ЕУ и заедно со Македонија имала најевтини цени во регионот. За една деценија, платите во земјата продолжуваат да остануваат најниски во регионот, а трошоците значително се зголемиле, објавија албанските медиуми.

Во 2024 година, цените биле 70 отсто од просекот на ЕУ, што ја рангира Албанија како најскапа во регионот, надминувајќи ги Србија и Црна Гора, кои историски имаат најскапи производи.


-Пред една деценија, цените во Албанија биле половина од просекот во ЕУ, додека во 2024 година две третини од просекот во ЕУ. Дури и цените на храната за првпат достигнале 101 отсто од просекот на Европската Унија и се најскапи во регионот, додаваат медиумите.

Евростат го мери индикаторот за ниво на цени во однос на просекот на ЕУ, врз основа на куповната моќ.

-Овие статистики покажуваат колку се скапи цените во една земја во споредба со просекот на ЕУ, земајќи ја предвид куповната моќ, односно колку стоки и услуги реално можат да си дозволат со ист износ на пари, наведуваат медиумите.