На телевизија Канал 5 во емисијата „Само Вистина“ вечерва гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој на самиот почеток се осврна на темата за блокадите кон Македонија од Бугарија за влез во Европската Унија и истакна дека ставот на Владата е јасен, односно предвидлива иднина кон патот на Европската Унија без притоа да има одредени пречки коишто задираат во идентитетот на државата.
-Европската Унија и членството во Европската Унија е централната оска на нашето позиционирање, нашиот став, принципиелен и јасен од времето кога бевме опозиција, предвидлива иднина кон патот на Европската Унија без притоа да бидеме ветоизирани, без притоа да бидеме кочени, без да имаме одредени пречки на патот коишто задираат во нашиот идентитет. Во последниов период гледаме еден нејасен маневар од страна на СДС, замислете да имате одредена одлука за којашто сте ги загубиле изборите, да дојдете до историски минимум на 150.000 гласови, потоа на уште еден минимум од 125.000 гласови, по јавните мерења да гледате дека граѓаните се остро против тој предлог којшто вие го заговарате. Ние имаме еден принцип и еден став за којшто добивме и доверба од граѓаните на изборите, ние само сакаме некој да ни одговори на прашањето што доколку ги направиме уставните измени и за неколку месеци повторно бидеме ветоизирани, рече Стојаноски и додаде:
„Како ние да поверуваме дека тоа ќе биде последната отстапка кога вие имате изјава на бугарски министер за надворешни работи, новиот избран премиер, дека уставните измени не се последното барање. Не постои реформа, не постои начин, не постои одредено нешто коешто ние не сме го жртвувале или исполниле за да бидеме дел од тоа европско друштво, за на крај да заглавиме во билатерален спор, овој проблем којшто ние сега го имаме со ветото го направи СДС и ДУИ“.
Во врска со законските измени за укинување на техничката влада Стојаноски објасни дека тој концепт е повеќе неодржлив поради условите коишто се одамна променети, а за коишто истиот бил формиран.
-Изјавите дека треба техничката влада да се напушти како концепт не датираат од сега туку од 2020 година, сметам дека поранешните премиери на СДС го имаат тоа елаборирано како став дека треба да се напушти тој концепт. Ние со ова ветување излеговме пред изборите, организиравме лидерска средба, на лидерската средба сите бевме согласни. Тој е концепт којшто е неодржлив бидејќи одамна се веќе променети условите заради коишто беше формиран, финансиски чини, не е добро за имиџот на државата зошто не постои друга земја во Европа којашто ја има оваа техничка влада. Пост-мониторингот од Советот на Европа укажа дека во државава нема веќе опасности како што тогаш сметаше опозицијата и затоа сметавме дека треба да го промениме законот, дециден е Стојаноски.








