ЗОИ 2026: Претседателката на ИОК, Ковентри со поддршка за Линдзи Вон по нејзиниот тежок пад во спуст

Претседателката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Кирсти Ковентри, ја поддржа американската алпска скијачка Линдзи Вон, која се повреди на Зимските олимписки игри во 2026 година во Италија.

На денешната спуст трка, Вон, која се натпреваруваше со скинат преден вкрстен лигамент, во почетниот дел на нејзиното возење ја изгуби рамнотежата и падна на патеката удирајќи на снегот со главата. Таа беше евакуирана од патеката со хеликоптер. Олимпискиот тим на САД за алпско скијање и сноубординг објави дека Вон се здобила со повреди, но е во стабилна состојба и под медицински надзор.


– Драга Линдзи, сите мислиме на тебе. Ти си неверојатен извор на инспирација и засекогаш ќе останеш олимписки шампион, напиша Ковентри на социјалните мрежи.

Една недела пред Олимписките игри, Вон имаше тежок пад во Светскиот куп во Кран-Монтана, каде што се здоби со скинат преден лигамент. (МИА)