Украинскиот претседател Володимир Зеленски му го укина украинското државјанство на градоначалникот на пристанишниот град Одеса, Генадиј Труханов.
– Кај неколку лица исто така е потврдено руско државјанство на и се подготвени соодветни одлуки. Указот е потпишан, објави Зеленски денеска на Телеграм по средбата со шефот на разузнавањето Васил Малјук, без да наведе имиња.
Труханов сега би можел да се соочи со депортација.
Набргу потоа, разузнавачката служба СБУ потврди дека укинувањето на државјанството се однесува на градоначалникот на Одеса.
Објавена е и фотографија од руски пасош кој наводно му припаѓа нему, со важност до декември, пренесе ДПА нагласувајќи дека не може независно да се потврди дали документот е автентичен.
Труханов повеќепати ги отфрли обвинувањата.
– Никогаш сум немал руски пасош, изјави тој за јавната телевизија откако беше обелоденето дека му е укинато украинското државјанство.
Труханов најави дека ќе преземе правни чекори против одлуката, повикувајќи се на истрагата што безбедносната служба ја спровела против него во 2022 година.
Со губењето на државјанството, избраниот градоначалник практично се отстранува од функцијата. Како одговор на една петиција, Зеленски истовремено иницираше создавање на воена администрација за стратешки важниот пристанишен град.
Труханов, кој повеќепати ја осудуваше Русија за бројните напади врз Одеса, е градоначалник на метрополата од 2014 година. Сомневањата дека поседува руско државјанство се појавија уште за време на тогашната изборна кампања.
Поради актуелната воена состојба, локалните избори закажани за крајот на октомври се откажани. Надлежностите на сите локални претставници се продолжени со одлука на парламентот до крајот на војната.