Во Парагвај прогласен државен празник по победата над Германија на Мундијалот

Претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења, го прогласи вторник, 30 јуни, за државен празник по историскиот пласман на фудбалската репрезентација на оваа земја во осминафиналето на Светското првенство.

Парагвај денеска избори место меѓу најдобрите 16 селекции на Мундијалот, откако во Фоксборо по подобро изведување пенали ја совлада Германија со вкупни 5:4.

По регуларните 90 минути и продолженијата, натпреварот заврши без победник — 1:1, по што следуваше пенал-драма во која Парагвајците беа посмирени и попрецизни.

„Парагвај никогаш не се предава! Државен празник“, објави претседателот Пења на социјалната мрежа Икс.


Тој додаде дека ова е ден на голема национална радост.

„Денес слави цела земја. Ја слави победата на тим кој го претставува нашиот идентитет: борбеност, вера и сила на народ кој никогаш не се предава“, порача претседателот на Парагвај.

Кабинетот на претседателот потоа соопшти дека државниот празник е прогласен во чест на историскиот успех на фудбалската репрезентација на Светското првенство.

Парагвај во осминафиналето на 4 јули ќе игра против победникот од дуелот меѓу Франција и Шведска.