Две гласања за доверба на францускиот премиер Себастијан Лекорни се закажани за денеска во францускиот Парламент, кои, се очекува, тој да ги преживее.
Лекорни, кој веќе беше премиер со најкраток стаж во Франција во модерното време пред да биде повторно назначен на истата функција минатата недела, се соочи со можноста за уште пократок втор мандат сè додека пред два дена не направи отстапки за пензиската реформа, добивајќи ја со тоа поддршката на социјалистите, објавија денеска британските медиуми.
И покрај понудата на Лекорни да ја одложи пензиската реформа по претседателските избори во 2027 година, се очекува резултатот од гласањето за недоверба на неговата влада да биде тесен.
Во парламентот има 265 пратеници од партиите кои објавија дека ќе гласаат за разрешување на Лекорни, а за гласање за недоверба се потребни 289 гласа.
Лекорни, кој првпат беше назначен за премиер од францускиот претседател Емануел Макрон на 9 септември, поднесе оставка по 27 дена на таа позиција поради несогласувања околу буџетот, но Макрон го повторно назначи за премиер во петок, 10 октомври.
Предлози за недоверба на новата влада поднесоа крајнолевичарската Непокорена Франција (ЛФИ) и крајнодесничарската Национален собир (РН), но тие не можат да обезбедат мнозинство во парламентот без поддршка од опозициската Социјалистичка партија, откако конзервативната Републиканска партија објави дека засега ќе ја поддржи владата.