Во акцијата „Генералка викенд“ во Скопје собрани 200 кубни метри отпад

ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје и оваа година активно се вклучи во масовната еколошка акција „Генералка викенд“, која се одржа на 8 мај на повеќе локации во Скопје.

Акцијата, како што соопштија денеска од ЈП „Комунална хигиена-Скопје, се одржа на Кејот на реката Вардар, опфаќајќи ги двете страни на речното корито, при што стотици учесници во акцијата собираа најразлични видови на непрописно одложен отпад од брегот и пешачките патеки.

Паралелно, активностите се реализираа и во сите скопски општини, каде што граѓаните и волонтерите го одлагаа собраниот отпад на претходно определени пунктови, најчесто во близина на училишта и градинки.


По завршувањето на акцијата, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје го презедоа и транспортираа отпадот од сите локации.

Во рамките на „Генералка викенд“, претпријатието транспортирало вкупно 200 кубни метри отпад од територијата на главниот град.

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје порачаа дека и во иднина ќе продолжат активно да учествуваат во иницијативи и активности насочени кон заштита на животната средина и јавното здравје.