ВИДЕО: Крвави водопади на Антарктикот – црвена солена вода излегува од мразот

На едно од најстудените и најсурови места на планетава, има сцена како од филм: Темноцрвен поток истекува од глечер на Антарктикот, поради што овој феномен е наречен крвав водопад. Секако, има совршено научно објаснување за тоа.

Крвавите водопади се наоѓаат на глечерот Тејлор во сувите долини на Антарктикот. Научниците утврдиле дека црвената боја тука не доаѓа од некое „мистериозно“ загадување, туку од екстремно солената вода, богата и со железо, којашто не може да замрзне, но избива од под глечерот. Кога оваа течност, кога ќе дојде во допир со воздухот, железото оксидира и добива црвеникава боја, слично на тоа како што ‘рѓата го бои металот. Според НАСА, истражувачите во оваа средина пронашле микроби кои преживуваат без светлина и кислород, користејќи хемиски процеси поврзани со сулфурот и железото.


Она што го прави овој феномен уште пофасцинантен е фактот дека црвената вода доаѓа од прастара солена вода што се наоѓа меѓу мразот. Научниците забележале дека станува збор за вода со многу висока соленост и богата со железо што излегува од пукнатините на површината на глечерот.

Според научниците, ова место може да помогне во сознанијата и разбирањето на животот во екстремни услови, па дури и вон условите на Земјата. Иако изгледа застрашувачки, крвавите водопади се еден од најинтересните природни феномени во светот – потсетник дека дури и во мразот, тишината и темнината на Антарктикот, природата сè уште крие појави што изгледаат и се чинат сосем неверојатни. (МИА)