Aмбасадорката на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Анџела Агелер заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска остварија работна посета на Граничниот премин „Богородица”.

По посетата Спасовски и Агелер дадоа изјави за медиумите, а во оваа прилика Агелер зборуваше на македонски јазик. Таа ја започна својата изјава на македонски, а потоа продолжи на англиски јазик.

Агелер изрази гордост и задоволство од исклучителната соработка меѓу САД и Република Северна Македонија, за позитивните и видливи резултати од таа соработка, за што упати благодарност до министерот Спасовски. Таа потенцираше дека изминативе неколку години, од 2016 година наваму вложени се околу 4 милиони долари како поддршка на граничната безбедност, а меѓу нив е и опремата од боди камери, кои се алатка во борбата против корупцијата. Притоа, амбасадорката Агелер честитајќи му на министерот Спасовски за одличната работа на македонската полиција, потенцираше дека Амбасадата на САД е силен партнер на МВР, а соработката ќе продолжи и во иднина, бидејќи истата е критична за просперитетот на земјата.