Предложените закони за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители и покрај неколку недостатоци, содржат многу позитивни карактеристики – нови или преземени од законите што се во сила, се наведува во заедничкото мислење на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото (ДГИ) на Советот на Европа по двата предлог законски текста на македонската Влада.
Во мислењето се препорачува измена на Уставот со што би се ограничило правото на реизбор на јавниот обвинител, како и тој да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието.
„Со оглед на важноста на овие прашања за автономијата и релативната независност на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува во контекст на идната уставна реформа, Уставот да се измени и по овие точки“, се наведува во документот.
Во однос на Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, во мислењето се препорачува да се преиспита времетраењето на професионалното искуство на сите членови-поротници на Советот, како и да се обезбеди алтернатива на начинот на кој се избираат четирите членови поротници, со што ќе се обезбеди избор базиран на заслугите и интегритетот на кандидатите, како и разновидна застапеност.
Венецијанската комисија предлага и функцијата на обвинителите избрани за членови на Советот на јавни обвинители да биде суспендирана за времетраењето на нивниот мандат во Советот.
„Да се разјаснат концептите ‘влијае врз автономијата на јавните обвинители’ или ‘ги занемарува или не ги извршува своите функции и должности во работата на Советот’ како основа за разрешување на членовите на Советот на јавни обвинители“, се наведува во препораките.
Се предлага вклучување дополнителни заштитни мерки со цел важни одлуки, како оние за предвремен прекин на мандатот на член на Советот, да се носат со мнозинство гласови на обвинителите во Советот.
„Во Предлог-законот експлицитно да се предвиди дека и обвинителите и лаиците членови на Советот, се избрани врз основа на индивидуален капацитет, дека членовите обвинители не се подредени на Јавниот обвинител на Републиката во однос на нивната работа во Советот, како и да се предвиди дека Јавниот обвинител нема право на глас во Советот за одредени области, како што е дисциплината“, се наведува во документот.
Венецијанската комисија предлага и како преодна мерка во Законот да се предвиди дека актуелните членови на Советот ќе продолжат да ја вршат функцијата до истекот на нивните сегашни мандати.