УСТАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ КОНТРА СДС: Нема уставна пречка за забрана на двојното државјанство

Нема уставна пречка Собранието да го донесе законот со кој се ограничува пратениците да имаат двојно државјанство, сублимирано е ставот на уставните и на правниот експерти откако премиерот Христијан Мицкоски им сугерираше на своите пратеници да се консултираат со правни експерти пред да продолжи процедурата за измени на Законот за пратеници, според кои, народните избраници ќе треба да имаат само македонско државјанство.

Шкариќ: Би ги расчистила односите помеѓу Македонија и Бугарија

Професорот по уставно право д-р Светомир Шкариќ смета дека е добро да се донесе законот, бидејќи забраната за двојно државјанство би била чекор напред во расчистувањето на односите помеѓу Македонија и Бугарија.

– Уставот го гарантира правото на државјанство на граѓанинот, не содржи одредба за двојно државјанство. Со други зборови, постои уставна празнина, таа празнина ја пополнува Законот за државјанство од 1992 година. Тој закон дозволува двојно државјанство на граѓанинот. Сега, еве, Собранието сака да донесе закон за забрана на двојното државјанство за пратениците. Ако биде усвоен тој закон, ќе имаме два закона – тој за државјанство од 1992 година што предвидува двојно државјанство на граѓанинот и Законот за забрана на двојно државјанство за пратениците. Во таков случај ќе има колизија на два закони. Уставниот суд не е надлежен за решавање на колизија на законите – вели Шкариќ.

Според него, останува можноста Уставниот суд, доколку сака, да отвори постапка за оцена на овој закон и ќе мора да се повика на меѓународните конвенции кои, пак, бараат да се намали бројот на бипатридите, односно на граѓаните со двојно државјанство.

– Постои и Конвенција на Советот на Европа од 1963 година, според која оригиналното државјанство автоматски се губи во случај на доброволно стекнување друго државјанство. Двојното државјанство содржи многу дилеми и проблеми во врска со плаќање даноци, во случај на агресија на земјата, тогаш која земја ќе ја бранат. Многубројни проблеми создава двојното државјанство. Веројатно поради тоа Собранието размислува да направи некакви ограничувања. Моја оцена е дека би било добро законодавецот да го забрани двојното државјанство за сите носители на јавни функции. Уставниот суд нека оцени кој е носител на јавна функција, бидејќи категоријата јавна функција е предвидена со Уставот. Таквата забрана би била чекор напред во расчистувањето на односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. Неподносливо е голем број носители на јавни функции да имаат двојно државјанство – вели Шкариќ.


Најчевска: Законите немаат ретроактивно дејство

И довчерашната поддржувачка на политиките на СДС, професорката по право Мирјана Најчевска смета дека поставувањето одредени ограничувања за избор на пратеници е апсолутно уставно дозволено со цел да се постигне што е можно посоодветно претставување на граѓаните.

– Проблемот се појавува во врска со тоа дека нашите граѓани во дијаспората имаат можност да гласаат и на тој начин може да се проблематизира ваквото ограничување. Јас лично мислам дека поставувањето на условот за едно државјанство не би требало да се смета за противуставно и дека е издржано во насока на она што претставува конфликт на интереси, кој би можел да се појави кај пратениците кога одлучуваат за донесување на законска регулатива што може да биде спротивна на она што се интересите на другата држава кон која што припаѓаат – вели Најчевска.

Таа нема дилема дека ограничувањето треба да важи и за министрите, односно за функционерите, бидејќи тие дефинитивно можат многу лесно да дојдат во конфликт на интереси во однос на тоа чии интереси ги застапуваат во одреден момент. За дилемата дали ограничувањето на двојното државјанство може да се толкува како дискриминација на функционери од заедниците кои по раѓање имаат и друго државјанство, професорката вели:

– Во моментот кога ќе решат да станат пратеници во Собранието на Македонија, тие решаваат да ги претставуваат граѓаните на Македонија. Автоматски мора да решат или ќе ги претставуваат сите граѓани на Македонија и ќе решаваат во интерес на граѓаните на Македонија, или ќе бидат дел од една друга структура. Значи, ним никој не им брани да имаат двојно државјанство, меѓутоа во моментот кога ќе решат да станат дел од она што претставува одлучувачко тело, тогаш дефинитивно мора да решат каде припаѓаат – вели професорката за СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.

И Шкариќ и Најчевска се децидни дека законите не важат ретроактивно, односно ако законот помине, тој ќе важи за следниот парламентарен состав.