Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година, во Прилеп, но израсна во Крушево – место кое никогаш не го заборави и на чија афирмација постојано работеше. Во своите 26 години живот, тој ни подари музика која буди силни емоции, разубави стотици детски животи, помогна секаде каде што имаше потреба од тоа и со своите дела ни покажа дека навистина Блажена е душата што дава.

Во 2004 година, големиот хуманитарец беше именуван за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод, Тоше ја сними песната „За овој свет“, како и англиската верзија „This World“. Оваа песна стана химна на УНИЦЕФ.

Животот на нашиот пејач со беспрекорен глас згасна на 16 октомври 2007 година, како последица на сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац во Хрватска. Тоше постхумно беше прогласен за почесен граѓанин на Македонија и беше погребан со најголемите државни почести.

Ве потсетуваме на најубавите цитати од нашиот АНГЕЛ кои секогаш треба да одекнуваат во нашите уши:

„Да имам огромна моќ, макар и накратко, би направил да исчезне омразата и злото и луѓето меѓусебно да делат љубов.“

„Кога ќе ви одземат сè, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва. Тогаш ќе бидете НАЈСИЛНИ.“


„Секоја жена на овој свет заслужува во очите на барем еден маж, во еден момент, во една секунда, па макар и тоа да биде само еднаш во животот, да се почувствува како да е најпосакуваната жена на светот и ако цел живот ми помине во тоа, ќе знам дека не сум го потрошил залудно.“

„Без оглед на она што го велат дека скромноста е одлика на глупавите луѓе, јас не се согласувам со тоа. Скромноста е одлика на добрите луѓе.“

„Блажена е душата што дава.“

„Верувам во Бога и единствено него можам да му се заблагодарам за дарот кој го имам, затоа што ова што го правам го сметам за мисија која Тој ја извршува преку мене. Јас сум само марионета.“

„За љубов би се борел до крај. За љубовта на личност што ми е драга, било да се работи за член на семејството, девојка или пријател. За љубов сум спремен на сè!“

„Ве сакам сите!“