👁️  89

Унгарската влада одлучи да ги повлече своите претставници и да излезе од Меѓународната инвестициска банка (ИИБ), објави унгарското министерство за економија, откако САД ѝ воведоа санкции на банката поради врските со Русија.

САД вчера им воведоа санкции на тројца високи функционери на ИИБ во Будимпешта, на Русите Николај Косов и Георгиј Потапов и на Унгарецот Имре Ласлоцки.

Вашингтон соопшти дека Унгарија ја игнорирала загриженоста на САД околу ИИБ, „нетранспарентната платформа на Кремљ“, чие седиште во 2019 беше преселено од Москва во Будимпешта.

ИИБ е мултилатерна развојна банка која во 1970 година ја формираа членките на поранешниот Варшавски пакт. По распадот на Советскиот Сојуз членството почна да се намалува. Полска излезе од ИИБ во 2000 година, а Чешка и Словачка минатата година, откако руските единици влегоа во Украина.

Излегување од ИИБ најавија и Романија и Бугарија во јуни односно август годинава. Кон крајот на јануари Унгарија имаше 25 отсто учество во ИИБ и беше втор најголем акционер, по Русија со 45 отсто, а членки се и Куба, Виетнам и Монголија.

Американскиот амбасадор во Унгарија Дејвид Пресман кажа дека САД изразиле загриженост поради присуството на банката, но, за разлика од други НАТО сојузници, унгарската влада ги отфрлила тие стравови, одржувајќи го гостопримството за ИИБ.

„Нè загрижува континуираната спремност на унгарските лидери за проширување и продлабочување на врските со Руската Федерација, и покрај бруталната агресија на Русија на Украина и заканата за трансатлантската безбедност“, кажа Пресман.