ТУСК: Најважното прашање за Европа е дали САД се подготвени да бидат лојални, како што е предвидено во договорите на НАТО

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека прашањето е дали САД ќе бидат „лојални“ на својата посветеност кон НАТО за одбрана на Европа во случај на руски напад и ја повика Европската Унија да стане „вистински сојуз“ за заштита на континентот.

Туск за „Фајненшл тајмс“ изјави дека „најголемото и најважното прашање“ за Европа е дали САД се подготвени да бидат лојални, како што е предвидено во договорите на НАТО, и предупреди дека Русија би можела да нападне членка на НАТО во „месеците“ што доаѓаат.

„За целото источно крило, моите соседи… прашањето е дали НАТО е сè уште организација подготвена, политички и логистички, да реагира, на пример, против Русија ако се обидат да нападнат“, рече Туск.

Тој додаде дека некои членки на НАТО, предводени од САД, „се преправале дека ништо не се случило“ кога околу 20 руски дронови го нарушиле полскиот воздушен простор минатата година.


„Ова е нешто навистина сериозно. Зборувам за краткорочни перспективи, а не за месеци или години. Навистина е важно за нас да знаеме дека сите ќе ги сфатат обврските на НАТО толку сериозно како што ги сфаќа Полска“, нагласи Туск. Тој рече дека нема „никакви комплекси“ во врска со односите меѓу САД и Полска.

„Вашингтон се однесува кон Полска како кон свој најдобар и најблизок сојузник во Европа. Но, за мене вистинскиот проблем е што ќе се случи во пракса ако нешто се случи“, рече Туск, кој додаде дека сака да верува дека Член 5, кој предвидува дека НАТО ја брани која било од своите земји-членки ако биде нападната, сè уште важи.

Полска веќе ја исполнува целта на НАТО да троши пет проценти од својот бруто домашен производ за одбрана, како што побара американскиот претседател Доналд Трамп, што повеќето земји-членки сè уште не ја достигнале.