Турција го обвини Израел за експанзионизам: Безбедноста е само изговор за окупација на нови територии

Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, денеска го обвини Израел дека ја користи војната на Блискиот Исток како изговор за „окупирање дополнителна територија“.

„Израел не сака да ја обезбеди сопствената безбедност; Израел сака повеќе територија. Владата на Нетанјаху ја користи безбедноста како изговор за окупирање дополнителна територија“, изјави турскиот министер за надворешни работи на дипломатскиот форум во Анталија.

Според шефот на турската дипломатија, освен палестинските територии (Појасот Газа, Западниот Брег, Источен Ерусалим), Израел сега се обидува да ја оствари својата доминација и врз териториите што им припаѓаат на Либан и Сирија.

„Ова е континуирана окупација и експанзионизам (…) Ова мора да престане“, додаде Фидан и потврди дека „Израел создаде илузија на меѓународно ниво преправајќи се дека бара само сопствена безбедност“.


Турскиот министер за надворешни работи веќе го обвини Израел во понеделникот дека сака да ја претвори Турција во свој „нов непријател“ откако израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац ја опиша Турција како „хартиен тигар“.

Фидан денеска, исто така, изрази жалење што конфликтот на Блискиот Исток ги забавува напорите, вклучително и оние што ги презема Анкара, за прекин на конфликтот во Украина.

„Ова ја стави војната меѓу Русија и Украина во втор план“, рече Фидан и повика на континуирани напори за прекин на војната во Украина откако ќе се воспостави мир на Блискиот Исток. (МИА)