Трамп: Подготвен сум за воена акција ако нема договор со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е подготвен за воена акција против Иран ако не се постигне договор, наведувајќи дека во тој случај ќе дејствува како за време на 12-дневната војна во јуни минатата година.

Во телефонско интервју за израелската телевизија Канал 12, Трамп рече дека Соединетите Американски Држави и Иран се обидуваат да постигнат договор, но дека Вашингтон има други опции ако разговорите не успеат.

„Иранците многу сакаат да постигнат договор. Или ќе склучиме договор, или ќе мора да направиме нешто многу остро, како минатиот пат“, рече Трамп.

Тој оцени дека последната рунда преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран во Оман била „сосема поинаква“ во споредба со разговорите пред конфликтот во јуни, наведувајќи дека Иран сега покажува многу пофлексибилен пристап.

„Минатиот пат тие не веруваа дека ќе го направам тоа. Премногу ризикуваа“, рече Трамп, осврнувајќи се на американските напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни.


Американскиот претседател нагласи дека секој договор со Иран мора да го опфати не само нуклеарното прашање, туку и иранската програма за балистички ракети. Трамп, исто така, за Канал 12 изјави дека очекува втора рунда разговори меѓу САД и Иран да се одржи следната недела.

Посочи рече дека размислува за испраќање на уште еден носач на авиони на Блискиот Исток, заедно со неговата ударна група, која вклучува повеќе воени бродови.

„Веќе имаме армада таму, а можеби уште една е на пат“, рече Трамп, додека еден од американските претставници потврди дека се водат разговори за понатамошно зајакнување на силите во регионот.

САД во регионот моментално го имаат носачот на авиони „УСС Линколн“ со придружна ударна група, а евентуалното распоредување на уште еден носач дополнително би го зголемило военото присуство на САД. (МИА)