Трамп и Путин ќе се сретнат во Унгарија

Американскиот претседател Доналд Трамп попладнево објави дека го завршил телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, на кој, меѓу другото, се разговарало за состанок меѓу двајцата претседатели во Будимпешта, Унгарија каде би се дискутирале можностите за крај на војната меѓу Русија и Украина.

Се согласивме дека следната недела ќе има состанок на нашите советници на високо ниво. Првичните состаноци на Соединетите Американски Држави ќе ги води државниот секретар Марко Рубио, заедно со разни други лица, кои ќе бидат одредени. Локацијата на состанокот треба да се одреди. Потоа, претседателот Путин и јас ќе се сретнеме на договорена локација, Будимпешта, Унгарија, за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа „неславна“ војна меѓу Русија и Украина, напиша Трамп на „Truth Social“.

Американскиот претседател додаде дека утре ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба, каде што ќе разговара за неговиот разговор со Путин.