Топлата вода со лимон со години се смета за „здрав утрински ритуал“, но стручните мислења околу нејзините ефекти се поделени. Додека едни ја препорачуваат на празен стомак, други тврдат дека нема посебни здравствени придобивки, освен субјективно чувство на олеснување.
Гастроентерологот проф. д-р Војислав Перишиќ за МОНДО објаснува дека овој напиток може привремено да го намали чувството на глад, но не прави значајни промени во организмот.
-Топлата вода со лимон може само да го рашири желудникот и да го намали чувството на глад. Лимонската киселина е слаба киселина и може да влијае на лачењето на желудочната киселина, па затоа луѓето се чувствуваат поудобно по консумирање, вели Периишиќ.
Тој се осврна и на традиционалните утрински навики од неговото село, каде денот започнувал со мед, ракија и турско кафе, за кои вели дека „ја будат енергијата, концентрацијата и расположението“.
Професорот нагласува дека медот има антиинфламаторни и антиинфективни својства и може да биде корисен во умерени количини, но предупредува на претерување, особено кај лица со проблеми со панкреасот или дијабетес.
Како алтернатива, тој ги издвојува киселите јаболка како добра опција за луѓе кои не смеат да консумираат мед.








