Фудбалските натпревари не се паметат само по финалињата, головите и преполните стадиони. Понекогаш една фотографија останува во сеќавањето подолго од цел турнир. Навивачите ги забораваат составите, резултатите и табелите, но веднаш препознаваат одредена слика и се присетуваат на приказната зад неа.
Затоа што големите фотографии од Светските првенства се многу повеќе од спорт. Во нив има херои, цели нации, епохи и генерации. Во нив има радост и болка, политика и трагедија, човечка слабост и бесмртност.
10. Патувањето преку Атлантикот до првото Светско првенство (1930)
Пред првото Светско првенство фудбалот сè уште не бил глобален феномен. За да стигнат до Уругвај во 1930 година, репрезентациите на Белгија, Франција, Југославија и Романија со недели патувале со брод преку Атлантикот.
На фотографиите се гледаат фудбалери во костуми и шешири како тренираат на палуба среде океан. Денес тие сцени изгледаат речиси нереално.
Токму овие фотографии ја доловуваат наивноста и романтиката на раниот фудбал. Никој тогаш не можел да претпостави дека се раѓа најголемиот спортски настан на планетата.
9. Италија во црни дресови на Мундијалот 1938
На прв поглед тоа е обична спортска фотографија. Но денес таа претставува едно од највознемирувачките сведоштва во историјата на Светските првенства.
Во натпреварот против Франција, Италија настапила во црни дресови како симболична поддршка на фашистичките „Црни кошули“ на Бенито Мусолини.
Европа веќе стоела на работ на Втората светска војна. Денес оваа фотографија не се гледа како спортска сцена, туку како предупредување за катастрофата што следувала само неколку години подоцна.
8. Бразил и семафорот што покажа 7:1 (2014)
Постојат фотографии од порази. Постојат фотографии од шок. А потоа постои фотографијата од семафорот на кој стои резултатот 7:1.
Во полуфиналето на Светското првенство 2014, Германија го понижи Бразил на домашен терен. На трибините владееле неверување, солзи и тишина.
Фотографијата одамна престана да биде само фудбалска. Таа стана симбол на рушењето на еден национален мит и една од најболните вечери во историјата на бразилскиот спорт.
7. Меси против Холандија (2022)
Оваа фотографија го прикажува моментот кога светот го виде поинаквиот Лионел Меси.
Во драматичното четвртфинале против Холандија, Аргентинецот повеќе не беше само тивкиот гениј со топка. Тој стана лидер подготвен да се бори за секој сантиметар од теренот.
Неговата легендарна реплика „Што гледаш, будало?“ кон Вут Вегхорст стана дел од фудбалскиот фолклор.
Таа фотографија го означува моментот кога Меси ја прегрна аргентинската страст и ја поведе својата репрезентација кон светската титула.
6. Пеле на рамениците на навивачите (1970)
Ако фудбалот некогаш создал свој суперхерој, тоа е Пеле по финалето на Светското првенство во 1970 година.
Носен на рамениците на навивачите по победата над Италија, Пеле изгледа како крунисан крал на фудбалот.
Тоа беше првиот мундијал што милиони луѓе го гледаа во боја, а Бразил играше фудбал што многумина и денес го сметаат за најубав во историјата.
5. Голот на Џеф Харст во финалето 1966
Најконтроверзниот гол во историјата на Светските првенства.
Во финалето меѓу Англија и Западна Германија, топката удри во пречката и падна на или зад гол-линијата. Судијата покажа кон центарот.
Децении подоцна сè уште се водат расправи дали топката навистина ја минала линијата.
Токму затоа оваа фотографија стана симбол на вечната дебата за судиските одлуки и технологијата во фудбалот.
4. Баџо по промашениот пенал (1994)
Една од најтажните фотографии во историјата на спортот.
Роберто Баџо стои со наведната глава по промашениот пенал во финалето против Бразил.
Иако беше човекот што речиси сам ја однесе Италија до финалето, историјата најчесто го памети токму по тој момент.
Фотографијата одамна не е само за еден пенал. Таа е симбол на цената што ја плаќаат најголемите спортисти.
3. Ударот со глава на Зидан (2006)
Во Берлин, во последниот натпревар од својата кариера, Зинедин Зидан беше на чекор од совршено збогување со фудбалот.
Наместо тоа, светот го виде неговиот удар со глава во градите на Марко Матераци.
Фотографијата веднаш стана бесмртна.
Во неа се гледаат гордоста, бесот, разочарувањето и човечката слабост на еден од најголемите фудбалери на сите времиња.
2. „Божјата рака“ на Марадона (1986)
Најпознатата измама во историјата на фудбалот.
Диего Марадона со рака ја испрати топката во мрежата на Англија, а судијата го призна голот.
Само неколку минути подоцна истиот човек го постигна и прочуениот „Гол на векот“.
Затоа оваа фотографија останува симбол на двете лица на Марадона – уличниот измамник и фудбалскиот гениј.
1. Меси со Светскиот куп (2022)
Фотографијата што фудбалот ја чекаше со години.
По драматичното финале против Франција, Лионел Меси конечно го подигна пехарот што му недостигаше во кариерата.
Во таа слика се собрани сите разочарувања, сите порази, сите споредби со Марадона и сите сомнежи дали може да биде најголем без светска титула.
За многумина, ова не е само фотографија од шампион. Тоа е фотографија на исполнета судбина.
Како што Пеле ја обележа својата ера во 1970 година, а Марадона во 1986 година, така и Меси во 2022 година доби фотографија што ќе остане вечен симбол на една фудбалска генерација.








