Тел Авив најавува можни удари врз Хезболах, апел до цивилите да се евакуираат

Израелската армија денеска ги повика жителите на 12 населени места во јужен Либан веднаш да се евакуираат пред можните напади врз проиранското движење Хезболах.

„Заради ваша безбедност, мора веднаш да ги напуштите домовите и да се оддалечите најмалку 1.000 метри кон побезбедни зони“, соопшти на арапски јазик на платформата „Икс“ портпаролот на израелската армија, Авихај Адраи.

Израел и Хезболах редовно меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето што стапи во сила на 17 април. Израел тврди дека, согласно договорот, има право да изведува напади во областа ограничена со таканаречената „жолта линија“, која ја дефинира како „безбедносна зона“ – појас на либанска територија што се протега околу 10 километри од заедничката граница.


Сепак, повеќето од селата што ги спомена армискиот портпарол се наоѓаат далеку надвор од таа зона.

Според либанските власти, од почетокот на војната меѓу Израел и Хезболах на 2 март, во израелските напади загинале повеќе од 2.700 луѓе. Според податоците на израелската армија, пак, во истиот период во јужен Либан загинале 17 израелски војници и еден доброволец.  (МИА)