Тасулас: Интегративниот процес на регионот ќе биде централен приоритет на грчкото претседателство со ЕУ

Интегративниот процес на регионот ќе биде централен приоритет на грчкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година, нагласил грчкиот претседател Константинос Тасулас за време на неговото учество на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од неговиот кабинет, во своето обраќање на пленарната седница на Самитот, Тасулас ја потврдил цврстата поддршка на Грција за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, под услов да се исполнат неопходните критериуми и предуслови, со акцент на добрососедските односи и почитувањето на меѓународното право и меѓународните договори.

По завршувањето на Самитот, грчкиот претседател рече дека биле разгледани начини и механизми за забрзување на пристапниот процес, ја повтори грчката поддршка, но и посочи дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ „не е само прашање од европски интерес, што ја вклучува и Грција, туку и прашање од национален интерес, бидејќи е подобро нашето северно соседство да се движи во рамки на институционалниот систем на Европската Унија“.

– Дополнително нагласив дека нашата земја, преземајќи ја штафетата и од овој интересен Самит, кога ќе дојде времето за нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија во втората половина на 2027 година, ќе ја задржи многу високо на агендата европската интеграција на Западен Балкан, порача Тасулас.  (МИА)