Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека САД остануваат во голема мера зависни од своите сојузници во Европа, без оглед на реториката од Вашингтон.
Тој за германскиот весник „Ди Велт“ посочи дека и покрај немилосрдните критики на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО, одбраната на САД започнува на границата помеѓу Европа и Русија.
– Еден од најголемите нуклеарни арсенали во светот се наоѓа директно преку норвешката граница на рускиот полуостров Кола. Ова оружје не е насочено кон Осло, туку е насочено кон Вашингтон и Њујорк. Но, Норвешка помага во следењето на руските подморници кога ги напуштаат своите бази, посочи Столтенберг.
Тој додаде дека Норвешка, исто така, помага со обезбедување рани предупредувања за лансирање ракети и авиони.
– И ситуацијата е слична во Финска и во многу други европски земји. Ова е клучно за безбедноста на САД, наведе Столтенберг.
Тој истакна дека САД и Европа имаат различни ставови за трговијата, климата и безбедноста.
– Најважното нешто што Европа можеше да го направи за да го зачува НАТО беше да инвестира повеќе во одбраната. И токму тоа го правиме. Германија сега е на добар пат да стане најголемиот европски инвеститор во одбраната, потенцира Столтенберг, кој е актуелен министер за финансии на Норвешка.








