Стојаноска: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата иницираат законски измени, со кои во иднина македонскиот пратеник ќе мора да има само македонско државјанство

„Во Собранието веќе е поднесен Предлог на закон за измена на Законот за пратеници. И тука повторно ќе се руши уште еден меур од сапуница, оние списоци кои ги објавуваа, па сега многу актуелни ги направија повторно со парламентарниве избори во Бугарија, дека добар дел од наши пратеници, функционери, се со двојни државјанства“, истакна Дафина Стојаноска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата “Заспиј ако можеш” на Алфа телевизија.

Пратеничката Стојаноска се осврна на Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за пратеници кој веќе во Собрание е поднесен и се предлага воведување услов – пратеник да може да биде само лице кое има исклучиво македонско државјанство. Таа нагласи дека токму од страна на опозициската СДС биле неосновани обвинувањата дека одреден дел од пратениците се со двојно државјанство, а потписници на оваа измена, како што кажа, се токму актуелни пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за кои СДС наведува дека се со бугарско државјанство, и додаде дека денес ќе пукне уште еден меур од сапуница од страна на СДС.


„Потписници на оваа измена на Законот за пратеници се токму актуелни пратеници од оваа листа што ја вадат од СДС: Антонијо Милошоски, Никола Мицевски, Бојан Стојаноски, Игор Здравковски и Марија Петрушевска. Ако Антонијо Милошоски има бугарски пасош, дрско е тој да биде потписник. Предлогот е кандидатите за пратеници, кога ќе има следни избори, ако имаат двојно државјанство, да не може да станат пратеници. Да видиме како ќе се изјаснат колегите од СДС и затоа велам – денес ќе пукне уште еден меур од сапуница од страна на СДС. Денес ќе го имаат како предлог на самата седница кога ќе се усвојува дневниот ред за дополна, бидејќи е по скратена постапка, не се работи за некоја сложена измена, и да видиме впрочем кој сѐ ќе гласа за, а кој блефира“, децидна е пратеничката Стојаноска.