Постојат моменти кога дипломатските документи не се само бирократски извештаи туку јасни мапи за иднината. Токму таков е новиот извештај на Стејт департментот до Конгресот на САД за Западен Балкан. На само седум страници, Вашингтон испрати порака што одекнува многу подалеку од административниот јазик. Имено, САД се враќа на Балканот со поинаков пристап. Ова го најавивме пред неколку месеци, но и новиот извештај на Стејт департментот до Конгресот на САД за Западен Балкан го потврдува тоа.
Сѐ на сѐ, заклучок е дека заврши ерата на патернализмот. Завршува периодот кога регионот беше третиран како постконфликтна зона што постојано мора да биде надгледувана, коригирана и спасувана од самата себе. Новата американска стратегија е чисто прагматична, геополитички педантно изразена и економски пресметана. Наместо „градење држави“, САД сега зборуваат за партнерства. Наместо бескрајни политички мисии, сега САД бараат мерливи и конкретни резултати, наместо идеолошки флоскули, како што се безбедност, енергија, трговија и влијание….
И токму тука Македонија влегува во фокусот.
Во извештајот, Македонија не е спомната како проблем, туку како пример. Тоа можеби е најважната дипломатска реченица што земјата ја добила од Вашингтон во последната деценија. Во време кога Балканот повторно станува шаховска табла на големите сили, САД ја посочуваат Македонија како држава што го зајакнала НАТО и како партнер со кој треба да се продлабочува стратешкиот дијалог. Ова не е случајна формулација, пишува Далибор Станковиќ за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Пред само еден месец, во Вашингтон беше обновен и интензивиран стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД. Тој процес сега добива конкретна политичка и економска содржина. Новиот извештај практично претставува емпириска разработка на стратешкото партнерство што веќе постои меѓу двете држави. Она што досега беше дипломатска рамка, сега станува оперативна стратегија.
Вашингтон повеќе не гледа на Македонија само како на „успешна приказна“ од НАТО-процесот. Америка почнува да ја третира државата како важна точка во новата енергетска, безбедносна и економска архитектура на регионот.
Тоа особено се гледа во економскиот дел од извештајот.
САД отворено најавуваат дека сакаат поголемо економско присуство во Западен Балкан и дека американските компании треба да добијат предност во клучните инфраструктурни проекти. За Македонија ова не е симболична порака. Тоа е директен сигнал дека земјата станува дел од новата американска економска офанзива во Југоисточна Европа.
Не треба да се потцени ниту фактот што Вашингтон веќе преговара за реципрочен трговски договор со Македонија. Во американската дипломатска терминологија, ваквите чекори никогаш не се технички детали. Тие се инструмент на геополитика. Трговските договори денес се исто толку важни колку што некогаш беа воените пактови.
Особено е индикативен делот за енергетиката.
Америка експлицитно ја дефинира руската енергетска зависност како безбедносен ризик за Балканот. Во таа насока, Македонија добива стратешка улога преку енергетските коридори, интерконекторите и можните идни инвестиции во нови технологии, вклучително и мали модуларни реактори.
Тоа значи дека Македонија повеќе не е само транзитна држава на Балканот. Таа постепено се претвора во геоенергетска точка преку која ќе се судираат различни влијанија со предзнак „гео“. А новата американска политика носи и јасна порака до домашните политички елити.
Вашингтон повеќе нема намера бескрајно да инвестира во нестабилни институции без резултати. Во извештајот многу јасно се нагласува дека идната поддршка ќе биде условена со мерлив ефект, функционални институции и конкретни резултати во владеењето на правото, безбедноста и економските реформи.
Со други зборови, САД нудат партнерство, но веќе не и алиби. Тоа е суштинската разлика меѓу старата и новата американска политика кон Балканот. Америка повеќе не сака зависни држави клиенти со климоглавачки став. Таа сака функционални партнери што можат да носат одговорност и да бидат дел од западниот систем на безбедност и економија.
За Македонија ова отвора историски пат.
Во услови кога Европската Унија е бавна, оптоварена со сопствени кризи и често неодлучна кон проширувањето, САД испраќаат многу подиректен сигнал, а тоа е дека Македонија останува важна за западната стратегија на Балканот.
Но, истовремено, да не заборавиме, во потконтекстот на извештајот се чита дека Вашингтон испраќа и предупредување дека геополитичката важност не е трајна категорија. Таа мора да се заслужува.
Затоа продолжувањето на стратешкиот дијалог со САД не смее да остане само фотографија од дипломатски средби и куртоазни изјави. Ако Македонија навистина сака да го капитализира новиот американски интерес, тогаш ќе мора да покаже политичка зрелост, институционална стабилност и економска предвидливост. Затоа, треба да се работи со сопствени сили и на домашен терен, заради нас самите, пред сѐ и над сѐ! Во спротивно, и оваа геополитичка шанса може да заврши како уште една пропуштена балканска приказна. Станува кристално јасно дека новиот извештај на Стејт департментот покажува дека Вашингтон повторно сериозно го црта Балканот на својата стратегиска мапа. А Македонија, за првпат по долго време, не е на маргините на тој цртеж, туку во неговото средиште.
Далибор Станковиќ за НОВА МАКЕДОНИЈА









