Стармер на средба со Зеленски: На Украина да и се овозможат средства за напади со системи со долг дострел

Британскиот премиер Кир Стармер денеска за време на состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски и пред состанокот на сојузниците на Украина во Лондон повика „да се направи повеќе за се зајакнат украинските средства за напади со долг дострел“.

-Мислам дека можеме да направиме повеќе за средствата, особено за средствата со долг дострел, рече Кир Стармер пред состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ од 26 претежно европски земји кои го поддржуваат Киев.

„И секако, тука е и виталната работа на „Коалицијата на подготвените“ за безбедносните гаранции што треба да му се дадат на Киев“, додаде тој.

Зеленски и Стармер разговараа откако британскиот крал Чарлс III повторно го прими украинскиот претседател, што е нивна трета средба во Велика Британија од почетокот на годината.

Денешната средба во Лондон ќе се одржи во хибриден формат, бидејќи данската премиерка Мете Фредриксен, нејзиниот холандски колега Дик Шуф ​​и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ќе лиќно ќе учествуваат на состанокот, додека 20 други лидери, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, ќе учествуваат преку видеоконференциска врска.

Шефот на британската лабуристичка Влада, кој копретседава со оваа коалиција заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, сака да ја стави Украина во најсилна можна позиција пред доаѓањето на зимата, против руските сили, објави неговата канцеларија.

Во последните недели, Украина е цел на зголемени руски напади врз нејзината енергетска инфраструктура, кои се закануваат да го лишат нејзиното население од електрична енергија и греење.

Украина произведува некои ракети со долг дострел (Фламинго, Нептун) и добива француски „Скалп“ и британски „Сторм Шедоу“, но сите тие се во мали количини. Земјата безуспешно бара германски ракети „Таурус“, а Американците досега одбиваат да ѝ испорачаат ракети „Томахавк“, на кои се надеваше Зеленски.

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека таквата испорака би претставувала „нова ескалација“.


Се очекува Стармер да ги повика коалициските партнери да ја завршат работата за користење на замрзнатите руски средства како одговор на големата руска инвазија на Украина и да ја финансираат испораката на „системи со долг дострел“ во оваа земја, се наведува во соопштението на Даунинг стрит.

Европските лидери собрани вчера во Брисел направија разумен прв чекор, барајќи од Европската комисија да ги испита средствата што ќе се користат за финансирање на Украина во следните две години и го оставија отворено прашањето за заем што ќе се потпира на тие замрзнати руски средства.

Овие руски средства блокирани од западните санкции изнесуваат околу 210 милијарди евра.

Тој предлог ќе биде на дневен ред на европскиот самит во декември, со што ефикасно ќе се одложат потешките одлуки. Предлогот беше формулиран нејасно поради резервите изразени од Белгија, каде што се наоѓа најголемиот дел од замрзнатите средства.

Едноставната конфискација на средства претставува црвена линија за земјите од ЕУ, но Европската комисија предлага да се користат овие средства за финансирање на заем од 140 милијарди евра за Киев.

Стармер, исто така, го поздрави „огромниот напредок“ постигнат оваа недела во мерките поврзани со руската енергија по одлуката на САД да воведат санкции врз секторот.

Санкциите вклучуваат замрзнување на сите средства на нафтените гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“ во САД и забрана за сите американски компании да соработуваат со нив.

Москва ги нарече американските санкции „контрапродуктивни“, а рускиот претседател Владимир Путин процени дека тие нема да имаат „значајно влијание“ врз економијата на неговата земја.