Женската кадетска репрезентација на Македонија се закити со сребрениот медал на Светското училишно ракометно првенство, откако во финалниот натпревар загуби од Хрватска со конечни 28-26.
Нашите девојки добро започнаа, имаа водство од четири гола (5-1), но потоа ривалот заигра во силен ритам и го презеде водството.
Во второто полувреме, Хрватките „побегнаа“ на пет гола разлика (19-14), но тоа не ги обесхрабри Македонките, кои успеаја да дојдат на само еден гол негатива (25-24).
Двете грешки во финишот резултираа со нова серија на противникот, кој на крајот успеа да триумфира со конечни 28-26.
И покрај поразот, Македонките се прикажаа во одлично светло и остварија голем успех на Светското првенство кое се одржува во нашиот главен град.








