Оваа традиционална германска торта (Zwetschgenkuchen) е комбинација од мек пандишпан со мелени печени бадеми, сочни сливи збогатени со цимет и крцкава кора направена од ливчиња од бадем. Вкусот, аромата и текстурата се толку совршени што ќе ве освојат додека печете – ќе ви биде тешко да одолеете да не пробате веднаш! Ако немате бадеми, можете да додадете мелени печени лешници во тестото, а сливите лесно може да се заменат со кајсии или праски. Сепак, токму комбинацијата со сливи ѝ го дава тој неодолив, автентичен вкус.
Состојки (калап со дијаметар од 26 см):
Фил:
600 г сливи
1 лажица шеќер
1 лажичка цимет
Пандишпан:
150 гр. омекнат путер
120 гр. кафеав (или бел) шеќер
прстофат сол
3 јајца
100 гр. мелени печени бадеми (или лешници)
180 гр. обично брашно
1/2 кесичка (6 г) прашок за пециво
Крцкава кора од бадеми:
50 гр. путер
30 гр. шеќер
1 лажица мед
1 лажичка арома на ванила
3 лажици слатка павлака
100 гр. ливчиња од бадем
1 лажичка обично брашно
Подготовка: Измијте ги сливите, извадете им ја семката и исечете ги на четвртини. Измешајте ги со шеќерот и циметот и оставете ги настрана за да ги испуштат соковите. Во сад, измешајте го путерот на собна температура, шеќерот и солта додека не се добие пенаста смеса. Додавајте ги јајцата едно по едно, мешајќи добро по секое додавање. Додадете ги мелените бадеми (или лешници), брашното и прашокот за пециво и измешајте додека не добиете мазна смеса. Обложете го калапот со хартија за печење, намачкајте ги страните со путер и истурете ја смесата. Израмнете ја површината, потоа наредете ги подготвените сливи и нежно притиснете ги. Печете во претходно загреана рерна на 180 °C околу 30–35 минути.
Додека се пече колачот, растопете го путерот, шеќерот, медот, ванилата и кремот во тенџере. Додадете ги ливчињата од бадеми и брашното и гответе кратко 2–3 минути. Извадете го полупечениот колач, премачкајте го со смесата од бадеми и вратете го во рерна уште 15–20 минути, додека површината не добие златно-кафеава боја и не стане крцкава. Оладете го на собна температура, исечете го на парчиња и по желба наросете го со шеќер во прав.