Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, и претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, потпишаа Меморандум за соработка со кој се поставуваат темелите за засилена и координирана акција во насока на јакнење на интегритетот во јавниот сектор. Со ова се потврдува заедничката заложба за системско унапредување на капацитетите на администрацијата и градење култура на отчетност, транспарентност и професионализам.
Соработката е насочена кон унапредување, промовирање и поттикнување на процесот на едукација на административните службеници, со цел подигнување на свеста и продлабочување на знаењата во областа на спречување на корупцијата, судирот на интереси, заштитата на укажувачите, како и етиката и интегритетот. Преку ваков пристап се очекува значително јакнење и на личниот и на институционалниот интегритет, како и појасно препознавање и адресирање на ризиците од корупција во јавниот сектор.
Во рамки на договорената соработка, ќе се работи на развој, унапредување и заедничка промоција на едукативни програми и активности, како и на креирање иницијативи од заеднички интерес во согласност со нивните законски надлежности.
Меморандумот предвидува и спроведување на истражувања, размена на релевантни податоци и постојано координирано утврдување на насоки и препораки за унапредување на едукацијата на администрацијата.
Со ова партнерство се испраќа јасна порака дека борбата против корупцијата останува врвен приоритет, кој бара континуирана соработка, знаење и институционална посветеност.








