👁️  187

Полска и Унгарија претходно објавија дека ќе го прекинат увозот на жито од Украина за да го заштитат својот земјоделски сектор, откако евтините житарки и прехранбени производи од Украина ги намалија цените низ целиот регион, загрозувајќи ја продажбата на локалните земјоделци во европските земји
Словачка е третата европска земја, покрај Полска и Унгарија, која најави дека привремено ќе го прекине увозот на жито и други земјоделски култури од Украина поради стравувања дека презаситеноста со овие култури ги намалува цените и ja загрозува продажбата од страна на локалните земјоделци.

„Словачка привремено ќе го прекине увозот на жито и други производи од Украина. Денеска ќе се одржи состанок на работната група за ова прашање“, – напиша словачкиот премиер Едуард Хегер на социјалните мрежи.

Претходно и Полска и Унгарија најавија дека ќе го суспендираат увозот на украинско жито за да го заштитат локалниот земјоделски сектор, откако евтините житарки и прехранбени производи од Украина ги намалија цените низ целиот регион.

Европската комисија (ЕК), пак, остро реагираше на потегот на Варшава и Будимпешта, велејќи дека трговската политика е исклучива надлежност на Европската Унија и затоа ваквите еднострани дејствија се неприфатливи.

„Свесни сме за мерките што ги објавија Полска и Унгарија за забраната за увоз на жито и други земјоделски производи од Украина. Во овој контекст, важно е да се нагласи дека трговската политика е исклучива надлежност на ЕУ и затоа едностраните дејствија се неприфатливи“, – посочија од Европската комисија.
За ЕУ се неприфатливи едностраните забрани за увоз на украинско жито од страна на Полска и Унгарија

Најголем дел од своите земјоделски производи, а особено жито, Украина ги извезува преку нејзините пристаништа на Црното Море, кои беа деблокирани во јули минатата година со договор меѓу Украина, Русија, Турција и ОН.