СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ ВО АЛБАНИЈА: Лани 21 новинар пријавиле закани, заплашувања и разни притисоци, годинава имало 8 случаи

Во текот на 2025 година, 21 новинар пријавиле различни форми на насилство во Албанија, закани, заплашувања и разни притисоци поради вршење на нивните должности.

-Годинава регистрирани се 8 случаи а последниот е оној на новинарот Сами Цури, чиј автомобил беше запален во Булќиза. Полицијата веднаш реагираше на случајот. Она што посебно сакам да го нагласам е зголемената доверба во властите за пријавување на инциденти, изјавил Адријан Бити, претставник на Министерството за внатрешни работи, објавија медиумите.

Овие податоци биле изнесени за време на 13-от тематски состанок за безбедноста на новинарите, одржан во рамките на проектот „Промовирање на слободата на изразување во Албанија преку отворен дијалог“.


Било констатирано дека зајакнувањето на заштитните механизми, подобрувањето на институционалниот одговор и зголемувањето на соработката на властите со новинарската заедница се од суштинско значење за обезбедување побезбедна средина за вршење на професијата.

Според индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, Албанија е со пад од 3 места, и се наоѓа на 83 место.