Следува променливо време со дожд, грмежи и заладување

До крајот на седмицата во земјава ќе преовладува променливо облачно време проследено со повремен локален дожд, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Според најавите, утре и во среда се очекува појава на нестабилна облачност со поројни врнежи и грмежи. Во четврток наместа ќе има пообилни врнежи, а поради продор на постуден воздух од север на планините ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурата ќе биде во значително опаѓање.

Во петок и во деновите од викендот ќе се задржи посвежо време, а утринската температура наместа ќе се спушти под нула степени.