Се уредува дворот и се гради пат до црквата во Долна Горица

По заложбите на Црковниот одбор, конечно почна уредувањето на дворот на црквата „Свети Георгиј” во село  Долна Горица, Општина Пустец.

-По неколку годишни напори конечно започна да се уредува дворот на црквата „Св. Георгиј” во Долна Горица. Ова уредување се овозможи со поддршка и помош на градоначалникот на Општина Пустец. Исто така започна и уредување на патот до црквата-информираше Црковниот одбор.

Упатува апел до сите верници по потекло од ова село кои живеат надвор од родното село и по светот да помогнат.


-Сите да се ангажираме да помогнеме финансиски, за да се среди Црквата и да го добие достоинствениот лик на божји храм. Многу значајно за сите нас е секако да ја оствариме  желбата на сите,  да изградиме 9 -метарски крст во дворот на црквата-наведуваат од одборот.

Се изразува надеж за  поддршка и разбирање од сите по потекло од Долна Горица, но и “сите верници и сонародници од нашата Мала Преспа”.

Долна Горица е едно од деветте села на Општина Пустец, распослани на брегот на Преспанско Езеро. (МИА)