👁️  26

Саудиска Арабија ќе продолжи да го намалува производството на нафта за 1 милион барели дневно од октомври до декември 2023 година, одржувајќи ја својата стратегија за поддршка на цената на нафтата, соопшти денеска нејзиното Министерство за енергетика.

Саудиска Арабија, која е првиот светски извозник на нафта, го најави тоа намалување во јуни, по состанокот на групата ОПЕК плус, а од јули го намалува производството.

ОПЕК плус ја обединува Организацијата на земјите производители на нафта, на чело со Саудиска Арабија, и придружните сојузници, вклучително и Русија.

„Производството на Кралството за октомври, ноември и декември ќе биде околу девет милиони барели нафта дневно“, соопшти Министерството.

Од Министерството велат дека оваа стратегија ќе се разгледува месечно и ќе се проценува дали производството дополнително треба да се намалува или зголемува.

„Таа политика е наменета за поддршка на стабилноста и рамнотежата на нафтените пазари“, се додава во соопштението.

Цените на нафтата се зацврстија во јули, првиот месец кога стапи на сила намалувањето на производството во Саудиска Арабија, и надминаа 80 долари за барел, ниво што им е потребно на Саудијците за да го балансираат буџетот, велат аналитичарите.