Поправките на оштетените надворешни далноводи во нуклеарната централа Запорожје во Украина започнаа по четиринеделна пауза, изјави денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
„Работата започна откако беа воспоставени локални зони за деескалација за да се овозможи продолжување на работата“, додаде Гроси во објава на социјалната мрежа „Х“.
Раководството на централата, назначено од Русија, ги потврди поправките, велејќи дека тие биле овозможени благодарение на „тесната соработка“ помеѓу МААЕ и руската државна нуклеарна корпорација Росатом.
Руското Министерство за одбрана ќе игра клучна улога во обезбедувањето на безбедноста на поправките, соопшти централата на својот Телеграм канал.
Руските сили ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, во првите недели по инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Моментално не произведува електрична енергија, туку се потпира на надворешна енергија за да ги одржува нуклеарните материјали ладни и да спречи сериозни несреќи.