Пад на посетеноста во музеите и археолошките локалитети во Грција

Минатата година за 3,2 отсто се намалил бројот на посетители во музеите и археолошките локалитети во Грција, но и покрај падот на посетеноста, раст бележат приходите од билети што достигнале 244,5 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од Службата за статистика на Грција за периодот јануари – декември 2025 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, вкупниот број посетители на музеи и археолошки локалитети во 2025 изнесува 20.005.888, што е за нешто повеќе од половина милион посетители помалку во споредба со една година претходно.

Бројот на посетители на музеите има минимално зголемување од 0,4 проценти, додека пак на археолошките локалитети се намалил за 4,9 отсто.


Податоците покажуваат дека се намалил бројот на посетители со билет (за 7.8 отсто), но се зголемени бесплатните посети (за 8,7 проценти), додека пак приходите достигнуваат рекордни нивоа, односно 244,5 милиони евра, што е за 42,4 отсто повеќе од 2024 година кога изнесувале 171,7 милиони евра.

Акропол е на прво место од археолошките локалитети со најголем број посетители, над 4,5 милиони, додека пак музејот на Акропол го посетиле речиси 2 милиони лица во текот на 2025 година. (МИА)