Осуденик за убиство од 1993 година во Алабама погубен со азотен гас

Ентони Бојд (54) од Алабама, кој беше осуден на смрт бидејќи помагал во палење човек во 1993 година поради долг од 200 долари за дрога, е погубен со азотен гас, соопштија властите на американската сојузна држава.

Тој беше прогласен за мртов во четвртокот во 18:33 часот по локално време, во поправниот дом Вилијам Ц. Холман.

Бојд беше осуден на смрт поради помагање во убиството на Грегори Хјули во округот Таладега, кого го запалиле затоа што не платил кокаин во вредност од 200 долари.

Во последните зборови пред погубувањето, Бојд кажа дека „не убил никого“ и оти „не учествувал во убиството“, и повика да се промени системот на кривично право.


Сведокот на обвинителството на судењето на Бојд претходно, во сведочењето во рамките на договорот за признавање на вината, рече дека Бојд ги залепил стапалата на Хјули едно по друго пред другиот човек да го полие со бензин и да го запали, додека адвокатите на одбраната рекоа дека тој бил на забава ноќта кога Хјули бил убиен и оти сведочењето за договорот за признавање на вината било несигурно.

Поротата го осуди Бојд за убиство и гласаше за смртна казна.

Генералниот обвинител на Алабама, Стив Маршал, во писмена изјава рече оваа сојузна држава „останува непоколеблива во својата посветеност на почитување на законот и спроведување на правдата за жртвите и нивните семејства“.

– Повеќе од 30 години, Бојд се обидуваше да ја одложи правдата преку бескрајни судски спорови, но никогаш не претстави докази дека поротата погрешила, рече Маршал.