Околу 13,7 милиони луѓе во земји, вклучувајќи ги Авганистан, ДР Конго, Хаити, Сомалија, Јужен Судан и Судан, се соочуваат со сериозен глад, предупреди Светската програма за храна (ВФП) на Обединетите нации, велејќи дека намалувањата на меѓународната хуманитарна помош сериозно ја компромитирале способноста на агенцијата да одговори на растечките потреби.
Според извештајот на ВФП, остриот пад на финансирањето од донаторите би можел да турне милиони луѓе од „криза“ во „итен случај“, чекор поблиску до целосен глад според меѓународната класификација од пет степени, објави Блумберг.
Најголемиот донатор на ВФП, Соединетите Американски Држави, значително ги намали своите средства за странска помош под администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Други земји објавија или веќе спроведоа слични намалувања на буџетите за развој и хуманитарна помош.
ВФП, со седиште во Рим, проценува дека неговиот буџет за 2025 година ќе падне на 6,4 милијарди долари, што е пад од 40 проценти во однос на 10 милијарди долари минатата година.
„Финансирањето на ВФП никогаш не било попредизвикувачко“, се вели во соопштението.
Портпаролката на агенцијата објасни дека проценката од 13,7 милиони засегнати лица се однесува на повеќе земји, а не само на шесте споменати.
Извршната директорка на ВФП, Синди Мекејн, предупреди дека светот би можел да изгуби децении напредок во борбата против гладот.
-Јазот помеѓу она што треба да го направиме и она што можеме да си го дозволиме никогаш не бил поголем. Ова повеќе не е само хуманитарно прашање – тоа е прашање на глобална безбедност и стабилност, рече Мекејн.