Македонската танчерка Мила Србиноска од танцовиот клуб „Брејк а лег“ (Break A Leg) од Скопје освои сребрен медал на IDO Европското Првенство во All Style Battles, што се одржува од 1 до 7 јуни 2026 година во Клагенфурт, Австрија.
Како што соопшти танцовиот клуб, ова е уште еден голем меѓународен успех за младата танчерка која веќе се вбројува меѓу најдобрите европски и светски натпреварувачи во уличните танцови стилови. Во силна конкуренција од најдобрите батл танчери од Европа, Мила успеа да стигне до големото финале и да ја освои титулата европски вицешампион.
Србиноска е едно од најпрепознатливите имиња на македонската хип-хоп сцена. Во 2024 година таа ја освои светската шампионска титула во хип-хоп, а со новиот успех во Австрија уште еднаш потврди дека припаѓа на самиот европски врв.
Овој резултат претставува голема гордост за танцовиот клуб „Брејк а лег“ и за македонската репрезентација, кои со години успешно ја претставуваат Македонија на најголемите европски и светски танцови сцени.
-Мила повторно покажа дека е една од најдобрите танчерки во Европа. Сребрениот медал на Европското првенство е огромен успех за неа, за нашиот клуб и за Македонија. Особено радува фактот што таа континуирано се наоѓа меѓу најдобрите на светот и Европа. Горди сме на нејзината посветеност, работа и карактер кои ја доведоа до уште еден голем резултат – изјави Трајче Петковски од „Брејк а лег“.
Европското првенство во ХипХоп, Попинг, Breaking и All Style Battles ги собира најдобрите танчери од цела Европа и претставува едно од најзначајните натпреварувања во уличните танцови дисциплини.
-Македонската репрезентација продолжува со своите настапи и во наредните денови од шампионатот, каде повеќе македонски танчери ќе се борат за нови финалиња и медали за нашата држава. Со овој успех, Мила Србиноска и „Брејк а лег“ уште еднаш покажаа дека Македонија има свое место меѓу најдобрите европски танцови нации, наведуваат од танцовиот клуб.







