Отворивме фронт за работа на автопатските делници што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка” за 90 % во 2025 споредено со 2024 година. За оваа година очекувам нов раст од 70 % споредбено со 2025, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во поткастот „Ноќно студио“, нагласувајќи дека проектот се движи со очекуваната динамика.
-Сега, со оглед на тоа дека завршните сметки се готови, можете да видите дека Бехтел има 90% раст кога ќе ги споредите 2024 со 2025 година, што значи дека она што го кажуваме во јавност, дека ние им ги отворивме фронтовите за работа и им ги овозможивме сите услови да работат, се покажува на дело, а оваа година очекувам дека ќе имаат некаде 70% раст, во споредба со минатата. Значи, проектот расте, како што треба да расте, се обидуваме да ги надминеме слабостите од минатото. Ние наследивме проект кој што имаше 0 % експропријација, нула дислокација на водови и каде што освен потпишување на договори немаше никакви активности на терен, истакна Николоски.
Тој информираше дека веќе се работи на делниците Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, додека реализацијата на автопатската делница Требеништа-Ќафасан, ќе зависи од процедурите и одлуките поврзани со УНЕСКО.
-Почнавме со активности на терен и на Прилеп-Битола и на Тетово-Гостивар и на Гостивар-Букојчани, ситуацијата на Требеништа-Ќафасан зависи од УНЕСКО, но и таму имаме решенија доколку добиеме зелено светло, посочи вицепремиерот Николоски.







