👁️  173

Откако ги обзнани притисоците, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу рече дека очекувано било повлекувањето на потенцијалните купувачи на конфискуваниот имот на Мијалков. Епилогот беше, синот ги купи становите на таткото.

Блиски роднини на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков им се заканувале на заинтересираните купувачи за конфискуваните станови на Водно, обелодени директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу во интервју за Топ Тема на Телма. Вели, очекувана реакција е тие што примиле закани да не ги купат државните станови, конфискувани поради кривични дела.

Во истиот ден кога беше денот секој пријавен да може да оди и да гледа што сѐ има внатре во тие станови, каков е станот, и во која состојба го купува станот, значи иделе група луѓе заедно со најтесниот круг на фамилијата на господинот Сашо Мијалков, им пратиле вид на зборови дека вие не можете да ги купувате овие станови, дека ние не сакаме тука нови соседи. Што се подразбира тука дека секој граѓанин би пресметал дали да влегува во таква игра и во таков вид на закани, дали вреди да ѝ плати на државата па после да има приватни проблеми, рече директорот Небиу.

На крај, три станови и гаража на Водно беа купени од фирмата Бест веј, чиј сопственик е синот на Мијалков, за цени кои се пониски од пазарните за луксузни станови на елитна локација, како оваа.

Мислам дека тука се креирала и се дала една можност да они аплицираат, но за жал, ова го кажав и во изјавата што ви ја дадов пред некој ден дека во државата е парадокс кога од таткото се зема а синот ги купува. Но, ние треба да го почитуваме законот заради тоа што Уставот го гарантира правото да учествува секој граѓанин, дали физичко или правно лице, тука вклучувајќи ги и најтесниот круг на фамилијата, имаат право со сегашниот закон на Агенцијата за управување со одземен имот да аплицираат. Освен вработените внатре во агенцијата и јас како директор, сите други имаат право да аплицираат и да купуваат имот од било кој осуден, не само од господинот Сашо Мијалков, рече Небиу.