Траги од кокаин што ги загадуваат реките и езерата можат да навлезат во мозокот на лососот и да го нарушат неговото однесување, но последиците врз рибите сè уште не се целосно познати, предупредуваат истражувачите.
Научниците од Шведскиот универзитет за земјоделски науки утврдиле дека единките лосос кои биле изложени на кокаин и на неговиот главен разградлив продукт – бензоилекгонин, пливале на поголеми растојанија и се ширеле низ езерото во значително поголема мера во споредба со контролната група која не била изложена на овие супстанции, објави Гардијан.
Според истражувањето, лососите биле пуштени во езерото Ветерн во Шведска, каде што научниците ги следеле со помош на акустични предаватели. Добиените резултати покажале дека рибите изложени на кокаин ги менувале своите секојдневни начини на движење и многу почесто навлегувале во нови делови од езерото. Дополнително, истражувањето покажало дека изложените риби биле поактивни движејќи се и до 14 километри повеќе од неизложените единки. Сето ова може да има директно влијание врз нивната исхрана, потрошувачката на енергија, како и врз нивната изложеност на природни предатори.
Експертите предупредуваат дека загадувањето со фармацевтски супстанции и други хемикалии претставува сè поголем ризик за биодиверзитетот. Воедно, тие потсетуваат дека и претходни истражувања укажале на значајни промени во однесувањето кај рибите кои биле изложени на различни видови фармацевтски соединенија. (МИА)







